Мегавулкан демне во срцето на Европа | Земјотресите во Егејот не се случајни | Фото/Видео

338

Длабоко под морското дно околу грчкиот остров Санторини, научниците откриле остатоци од една од најексплозивните вулкански ерупции во историјата на Европа.

Дебел слој од син камен и пепел, висок околу 150 метри, открива дека вулканот Санторини (или Тера) во Егејското Море еруптирал пред 520.000 години и бил 15 пати помоќен од ерупцијата на вулканот Hunga Tonga–Hunga Haʻapai во 2022 година.

Всушност, ерупцијата на вулкан во Тонга собори неколку рекорди, предизвикувајќи ги најбрзите атмосферски бранови некогаш забележани и првото забележано мегацунами од античко време.

Инаку, минојската ерупција се случила на истото место околу 1650 година п.н.е. Тоа е една од најголемите ерупции во историјата која траела четири дена. Иако немало жртви поради евакуацијата на островот, таа оставила длабока трага. Вулканот е резултат на тектонски процеси, особено на субдукција на африканската плоча под евроазиската плоча, што предизвикува постојана еволуција на областа.

Новооткриени слоеви

„Знаеме дека овој вулкан имал многу големи, експлозивни ерупции како ерупцијата на Кракатау, но новооткриените слоеви укажуваат на катаклизмичен удар за кој не сме знаеле дека постои“, тврди вулканологот и водач на студијата Tim Druitt од University of Clermont Auvergne (France).

Druitt и неговите колеги ги истражувале морските седименти околу Санторини кон крајот на 2022 и почетокот на 2023 година, како дел од меѓународната програма за истражување на океаните. Примероците се извадени од длабочина до 900 m со помош на 12 дупчалки.

Анализирајќи ги овие слоеви, научниците откриле остатоци од ерупција пред 520.000 години која била „поголема од било што Санторини некогаш произвел и веројатно една од двете најголеми ерупции што ги имал целиот хеленски вулкански лак“, објаснува Druitt.

Неверојатна споредба

Ерупцијата исфрлила најмалку 90 km³ вулкански карпи и пепел. За споредба, ерупцијата на вулканот Hunga Tonga–Hunga Haʻapai во 2022 година исфрли 6 km³ материјал. Откритието е значајно бидејќи покажува дека хеленскиот вулкански лак може да произведе масивни подводни ерупции.

Druitt истакнува дека Санторини веројатно нема да доживее слична ерупција во следните неколку стотици илјади години, но магмата ќе продолжи да поддржува помали ерупции на лава со децении, а можеби и со векови што доаѓаат.