Посета на проф. д-р Владимир Мартиновски, на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

Во периодот од 08.04. до 09.04. проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, оствари работна посета на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Деканот Мартиновски беше гостин на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, којшто го води Златко Панзов и имаше можност лично да се запознае со состојбата и предизвиците со кои се соочува Лекторатот.

Во рамките на својата посета проф. д-р Мартиновски оствари работна средба со проф. д-р Роберт Киш-Семан, директор на Институтот за славистика и балтичка филологија во чиишто рамки функционира Лекторатот по македонски јазик. На состанокот се разговараше за состојбите со славистиката во Унгарија и Македонија, се договорија конкретни чекори за соработка, размена на колеги и студенти, учество на конференции и научни собири. Од страна на проф. д-р Киш-Семан беше потврдена поддршката и подготвеноста за подигнување на нивото на изучување на македонскиот јазик, бидејќи конечно се созреани условите за еден таков чекор.

Деканот Мартиновски оствари и работна средба со проф. д-р Оршоја Ретхеји, заменик декан на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ. На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочува високото образование во двете земји и разменија мислења и идеи за идна соработка. Лекторот Панзов ја запозна д-р Ретхеји со работата на Лекторатот по македонски јазик и плановите за развој на македонистиката во Унгарија.

При својата посета деканот Мартиновски го промовираше зборникот „Македонски историско-книжевен мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik). Зборникот претставува избор на научни текстови кои овозможуваат преглед на историскиот развој, особеностите и новите тенденции во македонската книжевност. Изборот на текстовите го направи Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, текстовите на унгарски јазик ги преведе Анамарија Цинеге-Панзова, докторанд на Докторската школа за словенски книжевности. Зборникот излезе во реномираната едиција Opera Slavica Budapestinensia.

Пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија, деканот Мартиновски одржа и предавање на тема „Македонската поезија во дијалог со музиката“

Предавањето беше заокружено со неколку македонски песни во изведба на музичкото дуо BudaPesme.

Златко Панзов, лекторот по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје на Институтот за славистика и балтичка филологија смета дека ваквите посети уште поцврсто ја засилуваат позицијата на македонистиката во Унгарија.

Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта бележи зголемен интерес за изучување на македонскиот јазик и култура, 30-40 студенти ја посетуваат наставата по македонски јазик секој семестар.

- Реклама -