(Видео) Невидени поплави во Бразил: „Ова е катастрофа, ќе се влошува“

Десет лица загинаа, а 21 се водат за исчезнати по обилните дождови кои предизвикаа бројни поплави и лизгање на земјиштето оваа недела во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, а локалните власти предупредуваат дека ситуацијата е критична и може да се влоши.

На прес-конференцијата во средата, гувернерот на државата Едуардо Леите рече дека разговарал со претседателот Луис Инасио Лула да Силва барајќи секаква можна федерална помош.

„Поминуваме низ најлошиот момент во Рио Гранде до Сул, најголемата катастрофа во нашата историја. Она што се случува во Рио Гранде до Сул во моментов е апсолутно, незамисливо, крајно сериозно. И за жал, само ќе се влоши“, рече Леите.

Според гувернерот, невремето предизвикало најголемо уништување во државата во последните години, оставајќи неколку градови изолирани по уривањето на мостовите и уништените патишта.

Властите избројаа повеќе од 3.400 раселени лица откако бурите предизвикаа покачување на нивото на реките и поплави во различни делови на земјата, погодувајќи 114 општини.

Во извештајот во вторникот, државната влада предвиде ризик од поплави „практично низ целата држава“ со оглед на изгледите за продолжување на „обилните врнежи“ во наредните денови.

Во извештајот се наведува и дека поплавите ќе бидат сериозни во сливовите на многу реки, а можни се поројни поплави и масовни лизгања на земјиштето во регионите со стрмни падини.

Текстот (Видео) Невидени поплави во Бразил: „Ова е катастрофа, ќе се влошува“ е превземен од МАКФАКС.