До 17 часот гласале вкупно 6 953 немоќни и болни лица. Во казнено-поправните установи гласале 2 147 лица и 534 лица сместени во посебни центри за вон семејна грижа. Како што информираше Даштевски, правото на глас го оствариле и две раселени лица
Денешниот изборен ден за претседателските избори, на кој гласаа болните и изнемоштените, затворениците во казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и нашите државјани во странство, поминал мирно, соопшти вечерва претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.
Тој посочи дека имале потешкотии во некои планински средини заради врнежите од снег, но биле отворени сите гласачки места.
До 17 часот гласале вкупно 6 953 немоќни и болни лица. Во казнено-поправните установи гласале 2 147 лица и 534 лица сместени во посебни центри за вон семејна грижа. Како што информираше Даштевски, правото на глас го оствариле и две раселени лица.
До 17 часот, излезноста на нашите државјани во дијаспората е повеќе од 50 отсто.
„Повеќе од 50 посто да речеме апроксимативно, се излезени. Веќе во 19 часот, завршено е секаде гласањето, бидејќи се работи за мал број на гласачи кои гласаа во тие места, еве во дијаспората имаше и по 12 места како на пример Дубаи, Пекинг итн. 12 гласачи кои гласаа. Во Виена гласале 123 лица, во Брисел 93, Софија 22, Загреб 87, Берлин 260. Во Германија скоро сите се излезени бидејќи гласањето се врши во Берлин, Бон, Минхен, значи три места каде што може да го остварат своето право гласачите, а отприлика се пријавија 570-580 гласачи, каде што главно го искористиле своето право“,
рече Даштевски во вечерашното гостување на ТВ Сител.
Претседателот на ДИК нагласи дека по изборите во државава треба да се разгледува прашањето за промена на системот за гласање на дијаспората.
„По изборите да се размислува за промена на тој систем за дијаспората, бидејќи би требало да имаат и оние претставник, меѓутоа гледаме дека на овој начин веќе неколку циклуси тие не само што не можат да остварат, туку не се ни остварува гласањето, зборуваме за претседателски каде што се пријавија околу 2 400, а не да говориме за парламентарни каде што нема ни да има гласање затоа што не се пријавија доволен број на гласачи. Така што, државата троши големи средства, а нема никакви ниту бенефит, ниту резултат од гласањето во дијаспората“,
наведе Даштевски.
Претседателот на ДИК упати порака до учесниците во избирачкиот процес да ги следат правилата на Кодексот што го потпишале и изборите да бидат регуларни, слободни, фер и демократски, да нема говор на омраза и дискриминација од каков било вид и да нема посебна дискриминација кон жените. Тој апелираше сите граѓани утре да излезат и на достоинствен начин да го остварат своето право на глас гарантирано со Устав.