Суперлига на Англија: Арсенал – Манчестер јунајтед пред рекордна бројка навивачи на „Емирати“!

Утрешниот натпревар Арсенал – Манчестер јунајтед на стадионот „Емирати“ во женската Суперлига на Англија е распродаден и би можел да се одигра пред рекордна бројка публика.

Актуелниот рекорд според посетеност во Суперлигата беше забележан на мечот Арсенал – Челси (4:1) на „Емирати“ на 10 декември,  59.042 луѓе. „Емирати“, домот на машката екипа на Арсенал, има капацитет од нешто повеќе од 60.000 луѓе.

Фудбалерките на Арсенал домашните натпревари најчесто ги играат на „Медоу парк“ кој е со капацитет од 4.500 места. Но, тие шест од 11 натпревари во домашната лига сезонава одиграа на „Емирати“.

Менаџерот на „топџиите“, Јонас Еидевал, во една пригода рече дека „реална визија“ за женскиот тим во блиска иднина е сите домашни натпревари да ги игра на „Емирати“.

Минатиот мај, 60.063 навивачи го гледаа Арсенал на „Емирати“ во полуфиналето на Лигата на шампиони (ЛШ), што е рекордна публика за женски клупски натпревар во Англија.

Најпосетениот женски фудбалски натпревар во Велика Британија останува финалето на Европското првенство (ЕП) 2022, Англија – Германија (2:1), кога на стадионот„ Вембли“ присуствуваа 87.192 навивачи.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО