Магдинчев: Изборот на 6 – 7 играчи во ракометната репрезентација беше погрешен

Не може под велот на подмадување на ракометната репрезентација да се задоволуваме со поразите, сметна Ристо Магдинчев, поранешен селектор на македонската женска репрезентација. Во интервју за „Скопско Ехо“ тој одговара на прашањата за состојбите околу нашата најдобра машка селекција, како и на тоа што треба да се прави во иднина…

После неодамнешниот настап и пораз против Португалија, но и неуспешниот настап на СП, што Ви се чини, во каква состојба се наоѓа македонската ракометната репрезентација?

– Па состојбата не е така стабилна и јасно дефинирана. Под велот на драстично подмладување се игнорираат поразите уште од Европското, Светското првенство… Задоволни сме дека парираме, даваме отпор на противникот и дека треба време и трпеливост, млади сме итн. Ова е многу опасно да си задоволен со пораз. Пред натпреварот со Португалија по порталите се провлекува наративот ептен млада репрезентација за која треба време. Што ова значи, на Европското првенство во Германија ќе бидеме јуниорска репрезентација на Македонија. Има доста голема тврдоглавост која оди во погрешен правец за стварање на една стабилна и перспективна репрезентација. Поразот од Португалија беше очекуван. Сепак се поквалитетна репрезентација од нас, но ние пак бевме задоволни.                      

 Дали е ова максимумот на овие избраници? Има ли место за подобрување во нивната игра?

 – Ова не може да биде максимум бидејќи никој пат не се знае кога ќе го постигнеш максимумот како играч. Може на 28 или на 30 години. Секој пат има место за подобрување, но тоа мора да биде правилно испланирано и со макотрпна работа и правилно селектирање на играчи.       

Кој повеќе треба да се подобри: Играчите или селекторот Кире Лазаров?

– Па и селекторот и грото од играчите се почетници и би требало заедно да растат и да се подобруваат во работата што ги очекува. Одговорноста што ја имаат према јавноста и националниот дрес да ги направи посериозни и поуспешни во резултатите.                

Има ли друг играчки фонд кој заслужува да влезе во репрезентација? Дали треба да натурализираме некои странски ракометари?

 Сигурно има и тврдам дека изборот е погрешен за 6 -7 играчи. А погрешниот избор носи и лоши резултати кои се покажаа на последното Светско првенство. Колку што се сеќавам Лазаров беше поборник на репрезентација од македонски играчи од македонска супер лига без натурализација и многу други од ракометната фела. И јас исто, но сега гледам немал ништо против натурализација. Зошто го сменил мислењето треба да го прашате него. Треба да е кристално јасно македонска супер лига не може да ја победи Бундес лига, француска, шпанска, данска, норвешка, шведска лига. Потребно е нашите најдобри ракометари да направат трансфер во овие лиги, по примерот на Исланд и Холандија. Да бидат стандардни во овие јаки лиги, да имаат по 50-60 натпревари годишно и да дојдат како готов производ во репрезентацијата. Тогаш ќе имаме јака репрезентација, правилен избор на играчи без непотизам и успеси. Ова е најправилниот пат за стварање на јака репрезентација.

Претходна вестВо Турција ќе се уриваат 820.000 живеалишта
Следна вестТрчам, тренирам и сонувам за освојување на златен олимписки медал