На територијата на нашата држава, земјотресот бил почувствуван во северните и југозападните делови од земјата: Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Охрид, Струга и Ресен со интензитет од 3-4 степени според Европската макросеизмичка скала и Скопје, Куманово и Велес со интензитет од 3 степени според истата скала
Земјотресот кој синоќа во 4 часот ја погоди Црна Гора, бил почувствуван и во Македонија, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава на 14.03.2024 година во 4 часот и 6 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа 247 км северозападно од Скопје, во Република Црна Гора, со Рихтерова локална магнитуда М Л 5.3“,
се наведува во соопштението на Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот нема предизвикано значителни материјални штети.
На територијата на нашата држава, земјотресот бил почувствуван во северните и југозападните делови од земјата: Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Охрид, Струга и Ресен со интензитет од 3-4 степени според Европската макросеизмичка скала и Скопје, Куманово и Велес со интензитет од 3 степени според истата скала.
Граѓани на социјалната мрежа Фејсбук коментираат дека го почувствувале земјотресот и дека ги разбудил од спиење.
„Лулаше кратко ама силно“, „Јас го почувствував, ме разбуди во 4 и 8 мин, но беше слаб и си велам дали ми се причини, не дај боже да се повтори“, „Тука беше околу 3 степени. Краток, само лулање, без звук“,
се дел од коментарите на македонските граѓани.
Како што веќе објавивме, земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во Црна Гора во 04:06 часот по локално време, објави Европскиот медитерански сеизмолошки институт (EMSC).
Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил на 76 километри северозападно од Подгорица и на 32 километри северозападно од Никшиќ.
Земјотресот е регистриран на длабочина од 10 километри.
❓Do you have an #earthquake prediction? The Collaboratory for the Study of #Earthquake Predictability(https://t.co/uC4smjgdVz) accepts predictions & evaluates them. Careful though: saying you did predict after the #earthquake happens means nothing😉 pic.twitter.com/lggeqPV6D6
— EMSC (@LastQuake) March 14, 2024
Според информациите од Заводот за хидрометеорологија и сеизмологија, интензитетот на земјотресот во епицентарот бил меѓу седум и осум степени по Меркалиевата скала.
На социјалните мрежи од целиот регион објавија дека го почувствувале земјотресот.
По овој земјотрес, според податоците од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, во Црна Гора се регистрирани уште неколку земјотреси со јачина од 2,5 до 3,1 степен според Рихтеровата скала.