Имам нешто да те прашам

Антонио Димитриевски: Во Новата година наместо скапа влезница за концерт на „турбо фолк сељобери“, купете влезница за македонски изведувачи (Фото)

Тој е познат македонски естраден новинар. Еден од оние од кои треба помладите да учат како треба. Моментално е уредник на интернет порталот Вистина.мк. А годинава беше и официјален портпарол на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ каде на сите им покажа како треба со седмата сила. Вели дека тој за себе е Дедо Мраз и дека малите нешта носат големи радости.

Почитувани, во денешното новогодишно интервју, Антонио Димитривески… а што тој откри за музичкиот портал Музика24, прочитајте во продолжение.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Антонио Димитриевски: За политиката не сакам да говорам. Уште една разочарувачка година каде неспособноста, криминалот и корупцијата, го достигнаа својот врв, а стандардот на граѓаните, но што е најново и безбедноста го допреа дното. Се пука среде бел ден среде преполни молови, среде центар на пат кон учлиште рано наутро исченуваат малолетни деца? За ова во некое друго време, во една нормална, стабилна и силна држава, се одеше на Голи Оток! Сепак сакам да ги паметиме само убавите мигови, ако воопшто ги има… А ги имаше на музички и културен план.
Лично би ги издвоил концертите на Дарио, Нокаут и Владо Јаневски во Македонската филхармонија, потоа новиот сјај на „Макфест“ кој конечно и организационо и содржински и медиумски заличи на старите добри времиња од времето на неговите најдобри изданија и секако на личен план, највисоката награда која еден новинар може да ја добие, а тоа е наградата од колегите, поточно од Македонската асоцијација на новинари – МАН, за долгогодишен придонес и афирмација на македонската култура и забава во новинарството.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Антонио Димитриевски: Тешко е човек да издвои една песна… Можеби најдобро е неколку или една цела Топ 10 листа. Добри песни на македонски имаа Дарио, Таско и Малена, Панче Касапски, Пајак и Антониа Гиговска… потоа на српски Тамара Тодевска, Калиопи, Антониа Гиговска… кои се обидуваат да го освојат регионот. Но тоа се само коцкички во мозаикот. Имаше уште многу добра музика, која нема каде да се слушне освен чест на поедини радија и YouTube.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Антонио Димитриевски: Не баш… Кога бев во помлади години секако – да , но сега многу повеќе верувам во себе и сопствените можности, отколку во Дедо Мраз. Убаво ми е да ги гледам сите тие млади луѓе како ја живеат и доживуваат новогодишната бајка на својата младост, а јас само можам да бидам нечиј Дедо мраз и ништо повеќе од тоа.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Антонио Димитриевски: Според сензибилитетот на личноста. Многу е важно некому да му го знаете или умеете да му го препознаете она што може да го израдува, да го допре, да го усреќи… Тоа не мора да се скапи подароци, напротив. Малите нешта носат големи радости, ако се дадени во вистинскиот момент и искрено од срце!

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Антонио Димитриевски: Јас умеам да созададам позитивна атмосфера. Дури и на работа, каде што е исклучително важно да има хемија меѓу вработените, да има штимунг за работа. Смешки, виц, зафрканција, јадачки, задевања, кафе муабети, приказни, размена на искуства… Тогаш ефикасноста е многу поголема. Така е и кога си со пријателите. Никој не сака „намрштени“. Таквите не се добро друштво, а еден негативец ја расипува целата атмосфера. Како што едно скапано јаболко во кошницата нема другите да го поправат, туку тоа сите останати ќе ги расипе.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Антонио Димитриевски: Многу нешта во државата, но на личен план мислам дека би пробал да бидам помалку искрен каде што не треба, а потоа и помалку експлозивен… Дефинитивно да можам би си го продолжил „краткиот фитил“. Дефинитивно понекогаш избрзувам со „повлекување на чкрапалото“. Ама затоа никогаш никому „не забивам нож в грб“… Ако веќе морам, „пукам меѓу очи“!

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Антонио Димитриевски: Со првата со која ќе ме разбуди алармот за будење кој ми го вклучува радиото секое утро.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Антонио Димитриевски: Како што веќе реков… Дедо Мраз е за децата… Мојот Дедо Мраз сум јас! И за себе имам прилично пораки и желби кои ќе се портудам во 2024-та да си ги остварам. Или барем повеќето од нив!

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Антонио Димитриевски: Подкастите се во мода, иако мене тие мене ми изгледаат како „ток шоуа за сиромашни“… Како да се од „Али експрес“. Колку и да е модерен YouTube не може да ја замени телевизијата, а подкастите вистинските ток шоуа, какви што некогаш имаа Игор Џамбазов, Тони Михајловски, Жар Бербер и мојата маленкост со „Евтини приказни“… Можеби е време за камбек на најдобрите?

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Антонио Димитриевски: Со години за Нова година сум дома со најблиските, па така ќе биде и оваа. Заради природата на професијата секогаш имам доволно „луди ноќи“ во текот на годината, така што таканаречената „најлуда“ мене ми е баш толку многу обична.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Антонио Димитриевски: Здравјето секако е најважно. Ама важно е конечно да си ја чукнеме главата сите заедно и да кажеме дека ваќа повеќе не оди. Потребен ни е комплетен колективен „ресет на сопствениот мајндсет“, една нова „културна и духовна ренесанса“, а претстојните избори и новата власт за тоа ќе имаат добра шанса. Претходно: Преиспитување на криминалната приватизација, закон за потекло на имотот, конфискација на украденото, казна за криминалците и корумпираните и конечно стоп на „негативната селекција“. Вистинските луѓе – на вистинските места во сите сегменти. За да не биде и понатаму што би рекол Џони Штулиќ: „Коса на глава ми се крева и страшно ме лути кога гледам како ценети луѓе стануваат идиоти“!

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Антонио Димитриевски: За многу години Македонци, каде и сте… Чувајте се себе си и своето здравје и најблиските. Чувајте го ова парче родна земја оти друга немаме, а меѓу останатото тоа ќе го сторите и ако слушате и ја уште повеќе почитувате македонската музика. Наместо скапа влезница за концерт комшиски „турбо фолк сељобери“, купете влезница за македонски изведувачи. Нека ни е среќна новата 2024-та!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: