151 година од раѓањето на Гоце Делчев – пред црквата силно полициско обезбедување, барикади и контроли

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Под силно полициско обезбедување помина денешното одбележување на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Свети Спас.

Уште од рано изутрина хеликоптер го надлетуваше теренот на околината на црквата а сите пристапи до црквата беа блокирани од бројни полициски сили. Влегување беше овозможено кај мостот кај Кале, но и тука тоа може да го сторат само оние делегации кои пријавиле дека ќе положат венци  и свежи цвеќиња на вечното почивалиште на Делчев како и акредитирани новинарски екипи откако претходно ќе ги поминат безбедносните проверки кај полицијата.

Во самата црква на новинарите не им беше дозволен влезот и тие останаа пред платото а внатре беа пуштени само камерманите и фоторепортерите. Најпрво панихида одржаа свештеници од Македонската православна црква предводени од поглаварот Господин Господин Стефан, по што високи државни и партиски делегации положија цвеќиња и се поклонија на гробот на Делчев а своите пораки ги пренесоа преку соопштенија.

„Идеалите на безвременскиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки“, вели Димитар Ковачевски.

„Гордост, вознес и трепет ми удираат во дамарите како негов потомок, како син на Македонија, како ученик кој има уште многу да впива од Учителот. Културниот натпревар на Гоце е всушност визионерски предвесник за обединета Европа, половина век пред да се појави како идеја на европско тло“, порача Оливер Спасовски.

По завршувањето на делот со државните делегации, една по една делегација беа пропуштани да положат и тие цвеќиња на гробот на македонскиот великан Делчев. Меѓу нив беше и професорката Фросина Ременски поранешна потпретседателка на СДСМ.

„Гоце Делчев е цивилизациска вредност, тоа е повеќе од Македонија и фактот што неговите мошти почиваат во престолнината на слободна и независна Македонија зборува дека тој наш револуционер може да го чествуваат сите. Токму Гоце Делчев не треба и не смее да биде камен на сопнување на народите на Балканот, напротив, тој е еден мост и еден столб околу кој што може да се градат и добрососедски односи и да се негуваат вредностите од минатото“, додава Фросина Ременски.

Во текот на денот граѓаните кои чекаа да оддадат почит на великанот на македонската револуција Гоце Делчев, а кои упорно чекаа на првата полициска барикада кај Кале потоа беа пропуштани по групи.