(ВИДЕО) Здравство ги избра, ама се уште не става потпис за да ги купи амбулантните возила од по 90 000 евра

Изборот на најдобра понуда по цена од 90 000 евра по возило се случи затоа што беше дисквалификувана преостанатата понуда која, патем, изнесувала далеку пониски 70 570 евра по возило. Договор се уште не е потпишан иако поминаа повеќе од две недели откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја отфрли жалбата на дисквалификуваната фирма

За споредба, пред месец и половина Делегацијата на ЕУ и подари на скопската Итна помош вкупно 7 амбулантни возила. Иако се безмалку идентични со тие што ги купува и Министерството за здравство, ЕУ успеала да ги купи за далеку пониски 63 000 евра по парче. И тоа од фирмата која е дисквалификувана од тендерот на Министерството за здравство

Минатата недела објавивме дека Министерството за здравство купува 22 амбуланти возила по цена од 90 000 евра за парче.

Проблемот во целата работа е што речиси исти такви возила, пред еден месец, ни подари Европската Унија. Но, Делегацијата на ЕУ ги набавила далеку поевтино, за околу 63 000 евра за парче.

На тендерот на ЕУ се тркаа седум фирми и, интересно, фирмата чија понуда беше избрана за најдобра на овој тендер, била дисквалификувана на тендерот на Министерството за здравство. Па, останало да се избере преостаната далеку поскапа понуда, бидејќи се пријавиле само две фирми.

Како јајце на јајце

Набавката што ја води Министерството за здравство ги издржа тестот на управна контрола и жалбата пред Комисијата за жалби по јавни набавки. Ништо од тоа, сепак, не објаснува – како е можна толку голема разлика во цените.

Имено, на тендерот на ЕУ, на кој, потсетуваме, се барало незначително помалку медицинска опрема, Еуроимпекс била избрана за најдобар понудувач со цена од 63 400 евра без ДДВ по возило. На тендерот на Министерството за здравство, дисквалификуваната Еуроимпекс понудила цена по возило од 70 570 евра без ДДВ. Понудата на единствениот преостанат понудувач, Аутомобиле СК, е значително повисоки 90 000 евра без ДДВ по возило.

Цена на чинење по амбулантно возило (без ДДВ)

Затоа, ги споредивме јавно достапните тендерски документации за да провериме – кои се разликите меѓу барањата на тендерот на ЕУ и на Министерството за здравство.

Најлесно се воочливи разликите во делот на медицинската опрема.

И на двата тендера, и тоа по идентичен редослед, се бара преносен аспиратор, преносен респиратор, преносен дефибрилатор, ѕиден апарат за мерење притисок и 10-тина други уреди и помагала.

Тоа што го нема на тендерот на ЕУ, а се бара на тендерот на Здравство се неколку поситни уреди и инструменти: глукомер, сет инструменти за породување, штипка за папочна врска, сет инструменти за обработка на рани и за отстранување туѓи тела, пулсиметар и заштитна фолија.

МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА (ТЕНДЕР НА МЗ) МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА (ТЕНДЕР НА ЕУ)
Преносен аспиратор Portable suction unit
Преносен респиратор (вентилатор) Portable respirator
Преносен дефибрилатор Portable defibrilator
Глукометар  
Ѕиден апарат за мерење на крвен притисок Wall sphygmomanometer
Преносен систем за кислородна поддршка Oxygen transmission system
Балон за вентилација Ventilation balloon for adults
Комплет за имобилизација Set for immobilization
Сет за фрактури Fracture set
Имобилизатор за глава Head immobilizer
Реанимациска торба Resuscitation bag
Кардиолошка столица Cardiac chair
Спинална даска за возрасни и деца Spinal board for adults and children
Вакуум душек Vacuum mattress
Носило-макази Scoop stretcher
Автоматско склопливо носило Polytrauma stretcher
Сет инструменти за породување  
Штипка за папочна врска  
Сет инструменти за обработка на рани  
Сет инструменти за отстранување на туѓи тела  
Пулсокриметар  
Заштитна фолија  
Редослед на медицинската опрема која се бара на тендерот на Министерството за здравство (лево) и ЕУ (десно)

Според дисквалификуваниот понудувач, Еуроимпекс, дополнителната медицинската опремата која ја барале од Министерството за здравство, а ја немало на тендерот на ЕУ, е со релативно мала вредност.

„Пазарната вредност е околу 2500 евра“,

тврдат од „Еуроимпекс“.

Во делот од тендерите, пак, за просторот од возилото каде е пациентот, во тендерот на Министерството за здравство, дополнително од тендерот на ЕУ, се бараат и:

– Интегрирани два термо боксови, еден за ладење и одржување на медикаменти… друг со грејач за физиолошки раствор

– Два контролни дисплеи осетливи на допир поврзани со CAN – BUS комуникација или еквивалент

Од дисквалификуваната фирма, која патем го добила тендерот на ЕУ со цена од 63 400 евра по возило, велат дека дополнителната опрема ја кренала цената по возило и во нивната понуда до Министерството за здравство. Но, додаваат, таа опрема не ја оправдува цената на избраната понуда.

„Поради тоа, во нашата понуда на тендерот за набавка на 22-те амбулантни возила, цената на едно возило изнесува 70 570 евра без ДДВ, наспроти цената на прворангираниот „најповолен понудувач”, чија цена е 90 000 евра без ДДВ по возило… Генерално, доколку амбулантното возило не е опремено со дополнителна медицинска опрема, туку само со автоматско носило, кардиолошка столица или носило макази, цената на амбулантните возила изнесува од 38 000 до 40 000 евра“,

тврдат од „Еуроимпекс“.

МЗ барале повисоки возила од оние на ЕУ

На крај, ги споредивме и димензиите на возилата кои се барале во тендерите, бидејќи токму поради тоа е дисквалификуван едниот понудувач.

Минимални димензии на амбулантните возила

И во двата повика се бара возило чие меѓуоскино растојание е 3450 милиметри. Минимална должина, во тендерот на ЕУ е 5400, а во тендерот на Министерството 5410 милиметри. Во тендерот на здравство се бара и поголема минимална ширина од 2000 наспроти 1900 милиметри кај ЕУ. За висината, пак, ЕУ бара таа да изнесува најмалку 2400, а Здравство 2530 милиметри.

За потсетување, токму висината е клучна што фирмата „Еуроимпекс“ е дисквалификувана. Од оваа компанија тврдат дека ниту нивното возило „пежо боксер“, ниту возилото на конкурентот „Аутомобиле СК“ – „фиат дукато“, не може да го исполнат условот – да имаат меѓуоскино растојание од 3450 милиметри и висина над 2530 милиметри.

„Фиат дукато“ и „пежо боксер“

Зошто се толку сигурни? Затоа што, велат, „пежо боксер“, „фиат дукато“, „опел мовано“ и „ситроен џампер“ се едно исто возило кое се прави во фабрика во Италија, под капа на групацијата Стелантис. Се разликуваат само по значката на хаубата.

А да и дадеме на ЕУ да ни ги прави тендерите?

Токму разликите во милиметри во техничките спецификации можат да бидат факторот од што зависи дали на еден тендер ќе има или нема да има конкуренција. А од тоа, пак, зависи, дали цената ќе се спушти на најниска можна или ќе пројде и повисоката, коментира Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Токму разликите во милиметри во техничките спецификации можат да бидат факторот од што зависи дали на еден тендер ќе има или нема да има конкуренција. А од тоа, пак, зависи, дали цената ќе се спушти на најниска можна или ќе пројде и повисоката, коментира Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Дополнително, додава тој, на тендерите на меѓународните организации понудувачите се однесуваат на еден начин бидејќи очекуваат фер битка. На домашните тендери, однесувањето е често поинакво.

Миша Поповиќ, истражувач, Институт за демократија „Социетас цивилис“

Самиот исход во овој случај го потврдува на некој начин тоа правило, дека компаниите ги прилагодуваат своите однесувања врз база на тие очекување. Заради тоа што, не само што е намалена конкуренцијата, туку и се гледа дека техничките спецификации ја исклучуваат конкуренцијата и вие во тој момент имате запалено црвено светло за тој конкретен тендер… Општо, да кажам, во областа на јавни набавки, кога тендерот завршува со еден понудувач, а пазарот има повеќе понудувачи, тоа по автоматизам значи црвен сигнал дека треба дополнително да се проверува и да се гледа таа јавна набавка, што ете вие, како медиум, го правите.

– Тогаш, што би рекле на идејата, еве Европската унија да ни ги спроведува тендерите?

Не мислам дека е тоа добра идеја. Мора да се научат институциите дека јавните пари се пари на сите и треба да се однесуваат оние институции и луѓето одговорни во тие институции домаќински со парите. Во случај кога не се однесуваат, тоа е кривично дело“,

вели Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Енигматичен одговор од Здравство

Иако одамна е направен изборот на најповолна понуда, а во меѓувреме заврши жалбената постапка, не е објавен договор за набавката на 22 возила. Зошто, прашавме во Министерството за здравство. По три дена чекање, ова е интегралниот одговор кој го добивме:

„Во овој момент уште не е потпишан договорот за амбулантни возила со надоградена медицинска опрема за потребите на ЈЗУ. Дополнително ќе бидете информирани за чекорите кои ќе бидат преземени согласно позитивната законска регулатива“,

одговорија од Министерството за здравство.

Во врска со тендерот, „360 степени“ уште минатата недела испрати прашања до вториот учесник во тендерот „Аутомобиле СК“, но немаме одговор.

Одговор се уште немаме и од Делегацијата на ЕУ, каде прашавме – дали во изработката на тендерската документација со која тие ги купиле возилата по 63 000 евра, учествувале домашни експерти и од која институција.

Не одговори и Државната комисија за спречување на корупцијата – дали ќе направат проверки на случајот по допрен глас.

- Реклама -