Со пуштањето на iOS 17.2 надградбата оваа недела, Apple го започна тестирањето на наредната верзија, односно 17.3. Со оваа верзија, која е достапна како бета, Apple претстави нова функција со која треба да ги реши можните ризици за кои беше предупредувано, а се однесуваа во случај на кражба на телефонот.
Конкретно, предупредувања имаше до корисниците дека во ситуации кога тие не можат да го отклучат телефонот со Face ID или Touch ID, па поради тоа го внесат својот пин код, крадци ја искористуваат оваа ситуација за да го видат пинот, па потоа да го украдат телефонот.
Со пинот тие потоа имаат пристап до сите работи во телефонот, па дури и банкарските апликации.
Со iOS 17.3, Apple ја воведува функцијата „Stolen Device Protection“, со која се оневозможува пристап до целиот уред и сите негови функции во случај на кражба.
Заштитата се постигнува со тоа што познавањето на пинот не е доволно за да се пристапи до важни делови од уредот. Па така, на пример, промената на лозинка, отворањето на лозинките, исклучувањето на режимот за изгубен телефон и слично, мора да се направи со користење на Face ID или Touch ID, односно не може да се направи само со познавање на пин кодот.
Со ова, доколку дојде до кражба на телефонот, а тие што го украле го дознале и пинот на корисникот, нема да можат да го искористат за „злоупотреба“ на уредот и неговите податоци.
Достапноста на iOS 17.3 верзијата се очекува во наредните месец дена.