Карл Билд не говореше против православието

Фото: Фејсбук профил на Карл Билд

Станува збор за извитоперена изјава на Билд од 2014 г.  кога Русија изврши анексија на Крим, со што си ги влоши односите со демократскиот свет. Билд доста коментирал за тоа на Твитер, на 24.3.2014 г., тој споделил напис од Мајкл Мекфол, бивш амбасадор на САД во Русија, по што твитнал: „Можеби Мекфол ја потценува силата на новата антизападна и антидекадентна линија на Путин. Втемелена врз длабоко конзервативни ортодоксни идеи“. Оригиналот вели „conservative orthodox ideas”, што некои го сфатиле како прозивање на ортодоксното (православното) христијанство, но не е сигурно дека Билд мислел на него, а таа фраза се користи и во случаи кои немаат врска со православието

Станува збор за извитоперена изјава на Билд од 2014 г.  кога Русија изврши анексија на Крим, со што си ги влоши односите со демократскиот свет. Билд доста коментирал за тоа на Твитер, на 24.3.2014 г., тој споделил напис од Мајкл Мекфол, бивш амбасадор на САД во Русија, по што твитнал: „Можеби Мекфол ја потценува силата на новата антизападна и антидекадентна линија на Путин. Втемелена врз длабоко конзервативни ортодоксни идеи“. Оригиналот вели „conservative orthodox ideas”, што некои го сфатиле како прозивање на ортодоксното (православното) христијанство, но не е сигурно дека Билд мислел на него, а таа фраза се користи и во случаи кои немаат врска со православието

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Случувањата во Украина го натераа Карл Билд, уште во 2015 година да каже дека православието е главна закана на Западот, бидејќи околу него се собира Русија.

А потоа се додава и следново:

ПРАВОСЛАВИЕТО Е ПООПАСНО ОД ИСЛАМСКИОТ ФУНДАМЕНТАЛИЗАМ и поради тоа претставува најголема опасност за западната цивилизација, – рече наци-фашистот Карл Билд на 17 април 2017 година и остана жив!

Бившиот премиер и министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд, не е наци-фашист, туку е од Умерената партија, која е малку десно од центарот, а не е екстремна десница. Оваа наводна негова изјава не е поткрепена со извор, а и лицето, кое ја споделило, како да не е сигурно дали е таа од 2015 или 2017 г.

Ова се извитоперени изјави на Билд од 2014 г. Во ера на политичка коректност, такви изјави се крајна реткост во ЕУ, а во неа има четири држави со мнозинско православно население: Грција, Кипар, Бугарија и Романија, кои би реагирале ако тоа било вистина, а не е. Генезата на случајот е следна.

Во 2014 г., Русија изврши анексија на Крим, со што си ги влоши односите со демократскиот свет, а Билд доста коментирал за тоа на Твитер. На 24.3.2014 г., тој споделил напис од Мајкл Мекфол, бивш амбасадор на САД во Русија, по што твитнал:

Можеби Мекфол ја потценува силата на новата антизападна и антидекадентна линија на Путин. Втемелена врз длабоко конзервативни ортодоксни идеи.

Оригиналот вели „conservative orthodox ideas”, што некои го сфатиле како прозивање на ортодоксното (православното) христијанство, но не е сигурно дека Билд мислел на него, а таа фраза се користи и во случаи кои немаат врска со православието (пример). Поимот ортодоксен означува некој што догматски се држи до правилата на некоја идеологија или религија.

Но, дури и Билд да мислел на православието, твитот не е навредлив – факт е дека Путин се повикува на православието, наспроти (според него) декадентниот Запад. Таквите ставови уште одамна ги имало во Русија, особено среде верските фанатици и т.н. славјанофили во 19 век. На Блискиот Исток, на пример, имаме користење на исламот во политички цели, па не е навреда ако тоа се каже. Изјавата на Билд е коректна, а слична му е и онаа дадена во Атина на 5.4.2014 година:

Мислам дека е јасно дека Русија се промени во последните две години. Тие имаат намера да бидат ортодоксен бастион против Западот. Тие се впуштаат во многу агресивна пропаганда, како некаков мускулест Исток наспроти декадентниот Запад.

Тука е поверојатно дека Билд мислел на православието, но тој не рекол дека тоа е опасност и дека тоа е полошо од исламскиот фундаментализам, што во Атина сигурно не би минало без реакции, а и факт е дека Русија се гледа себеси како бастион на православието. Некои медиуми ја пренеле оваа изјава со малку поинакви зборови.

Но, во април-мај 2014 г., овие изјави биле сериозно извитоперени, по што се ширеле на некои опскурни сајтови низ Русија, Грузија, Латвија, Бугарија и Србија, при што секој од нив понешто си додавал или одземал. Тоа биле сајтовите: Анага, Русская народная линия, Православие.ru, Saqinform.ge, Vesti.lv, REX, Фокус и др., а тука имало провокативни наслови како:

Шефот на шведското МНР: ’Православието е главна закана за западната цивилизација’.

На 12.5.2014 г. изјавите биле цитирани во говор на српскиот митрополит во Црна Гора, Амфилохије, а за тоа дознал Билд и конечно ги демантирал. Овој феномен го подистражиле и факт-чекери од Србија, Грузија, САД и други места.

Но, објавата, којашто тука ја рецензираме, на Билд му го припишува и следниов грев:

На 17 април 2017 година за големиот христијански празник Велигден, поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Шведска, наци-фашистот Карл Билд, на средби со лидерите на партиите, во Македонија

Ова создава впечаток дека Билд намерно дошол на Велигден за да го расипе празникот, но всушност, Велигден во 2017 г. бил на 16 април. Дури и да прифатиме дека 17 април бил Втор ден Велигден, Билд тогаш само пристигнал, а средбите ги одржал на 18 април.

При крајот, објавата го вели и следново:

Дојде наци-фашистот Карл Билд во Македонија во 2017 година да ни го менува името

Билд не дошол да го менува името името на државата, кое дури јавно го изговарал, туку за да се реши политичката криза во неа, ако таа држава веќе сакала да влезе во ЕУ – како што тој нагласил. Во тој момент Билд веќе не бил ни премиер, ни министер за надворешни работи, туку само копретседавач на еден институт (think-thank), Европски совет за меѓународни односи, па немал политичка моќ да го менува името на државата.

Објавата вели и дека тогашниот претседател на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, не го примил Билд во својот кабинет, што е еден од ретките вистинити податоци во објавата, но најголемиот дел од неа е, сепак, невистинит

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција